За ТЕХО

Во аналите на македонската музика стои дека Тетово, градот под Шар Планина, е еден од ретките градови во кој многу одамна се знае за хорското музицирање. Во 19. век, во периодот на националната преродба, кога во Македонија доаѓа до поврзување на автентичниот музички фолклор со европската музичка култура, во градот се формираат хорови кои со генерации ја пренесуваат традицијата на хорското пеење.

Од таа богата хорска традиција произлезе и идејата за една репрезентативна и стимулативна манифестација на хорското пеење – Фестивалот “ТЕТОВСКИ ХОРСКИ ОДЅИВИ”. Звуците на фанфарите за прв пат го најавија Фестивалот “ТЕХО” 1973 година, оттогаш биенално на крајот на пролетта, градот живее со хорската музика.

На изминатите 21 фестивали многу хорови од Република Македонија ги покажаа своите квалитети, изведувајќи композиции од различити епохи и стилови.

Фестивалот “ТЕХО” поттикна многу македонски композитори да создадат дела кои ја доживееја својата праизведба на овој фестивал.

Желбата за понатамошно негување и развивање на хорската музика и стремежот кон побрз растеж на уметничкото ниво и афирмација на македонското хорско пеење во пошироката меѓународна заедница, ја заокружија и идејата за прераснување на Хорскиот фестивал “ТЕХО” во меѓународен фестивал, 1997 година е значајна по тоа што втемелува меѓународниот карактер на Хорскиот фестивал “ТЕХО”.

Од 2013 година во рамките на фестивалот “ТЕХО” се одржува и меѓународниот фестивал на Православна духовна музика.