Претставен романот „Мирисот на лагата“ на Јован Дамјановски

Духовно-културниот центар „Кирил Пејчиновиќ“ во Лешок доби 230 книги на подарок од „Матица македонска“

Гојко Ефтоски

„Во прозата на Јован Дамјановски централно место заземаат егзистенцијалните проблеми и страдањето на обичните луѓе од нашето поднебје. Авторот е главно преокупиран со болниот период од комунистичкиот во плуралниот систем, односно со новото време кое предизвика социјално раслојување на народот. Преку својата книжевна диоптрија во новиот роман ‘Мирисот на лагата‘ доаѓа до еден непореклив заклучок за мистичноста, која ја нарушува секојдневната глетка во средината во која живееме“. Вака го започна своето кажување истакнатиот македонски книжевен критичар Раде Силјан на книжевната средба што се одржа завчера во Духовно-културниот центар „Кирил Пејчиновиќ“ при Тетовско-гостиварската епархија во манастирскиот комплекс „Пресвета Богородица и Св.Атанасиј“ во селото Лешок, посветена на творештвото на писателот Јован Дамјановски. Организирана од Центарот и издавачката куќа „Матица македонска“, средбата беше одржана со посебен акцент на последниот роман на Дамјановски кој доживеа промоција пред тетовци. Во преполната сала, во извонредна атмосфера, беше задоволство да се слушаат оценките за творештвото на Дамјановски, кој живее и твори во своето родно Тетово. Осврнувајќи се на романот „Мирисот на лагата“ Силјан истакна:

„Со овој роман, дванаесетти по ред, Јован Дамјановски ја заокружува трилогијата започната со „Време за времето“ и „Вештачки сон“. Пораката на овој роман го поставува прашањето како на крајот на биолошкиот век да се помират човековите противставувања?“

„Во романот „Мирисот на лагата“ се обидувам да погледнам во нашето внатрешно огледалце од човековата душа во ова наше драматично, брзо, судбинско, одминливо и неодминливо, но секогаш незавршено време на трансферот од социјалистички во плурален модел на државното уредување. Што се однесува до книжевниот израз, се обидов на реалистички начин да го претставам нашиот современ страдалник и на таков начин да се вклучам во иманентната категорија на литературниот феномен да допира до реалните проблеми на животот. Романот е психолошка слика за обичниот човек во овие трансформациски процеси кои го раслоија современиот човек. Јас нашиот човек ќе го оценам од македонската синтагма на големиот Гане Тодоровски: ќе не’ има и кога ќе не’ нема, како што не’ немаше кога требаше да не’ има“, рече на крајот авторот Јован Дамјановски.

Духовно-културниот центар „Кирил Пејчиновиќ“, кој од пред два месеца веќе собра над 2.000 книги во својата библиотека, завчера се збогати со уште една колекција. Директорот Дејан Павлески подари 230 книги од истакнати македонски автори во издание на „Матица македонска“.

Извор: Утрински Весник